Најавата за помош од САД ја стресе Бугарија, Османи не ја исклучува можноста за внесување на Бугарите во Устав

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По најавите дека Соединетите Американски Држави заедно со Естонија ќе помогне во напорите за евроинтеграциските процеси на Македонија ја разбуди бугарската јавност која прашува дали Бугарија ќе биде принудена да отстапи од позициите за Македонија откако државниот секретар Ентони Блинкен изјави дека САД стои 100 проценти зад Скопје по прашањето на европската интеграција. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека САД веќе се вклучени во помош на земјава на разни начини.

„САД се вклучени и во комуникација со земјите членки, во комуникација со Европската унија, укажувајќи на геополитичкото значење на европската перспектива на регионот и тоа го прават на сите можни начини, но исто така ни помагаат и преку фондови и преку директна помош помагаат да се постигнат критериумите за членство во Европската унија.“, вели Османи.

Османи вели дека и натаму постојат обиди со привремената бугарска Влада да се изнајде решение. Покрај постојаните обвинувања дека државата прави пресија врз граѓаните во земјава кои се изјаснуваат како Бугари, во последен период од соседна Софија се испраќаат сигнали дека следно барање е во македонскиот Устав да се вметнат и Бугарите. Османи вели дека нема ништо официјално досега но не ја отфрла таквата можност.

„Нема таква иницијатива во комуникацијата помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Ниту е покренато од нивна страна ниту од наша страна. Меѓутоа, принципиелно како став, ние сме мултиетничко општество ние препознаваме организација на граѓаните во етнички заедници, за разлика од бугарскиот устав кој што не препознава. Во Преамбулата се наброени 7-8 етнички заедници и навистина не гледам причина и Бугарите да се спомнуваат во Уставот и Хрватите да се спомнуваат во Уставот.“, вели Османи.

Бугарија е пред одржување трети по ред парламентарни избори и се соочува со длабока политичка криза. Поради таквата состојба се понеизвесно е дека во брзо време би можело да се постигне заедничко решение и деблокирање на македонските евроинтеграции за време на словенечкото претседателство со Унијата.