Најмалку 13 лица загинаа, а седум се повредени во одрон на површински коп во рудник за злато во колумбискиот департман Нарињо, на границата со Еквадор, соопштија денеска властите.
Несреќата се случила во средата попладне во селото Порторико, оддалечена област која е дел од општината Поликарпа, изјави Габриел Окања, директор на Националната единица за управување со ризик од катастрофи (UNGRD) во Нарињо, објави агенцијата ЕФЕ.
„За жал, дошло до одрон во рудникот во областа Порторико, која е во надлежност на Поликарпа. Страдале луѓето кои работеле таму. Загинаа 13 лица, а седум се повредени“, изјави Окања.
Жителите на областа рекле дека меѓу загинатите има и четворица припадници на домородното население, од исто семејство на народот Квиласинга.
