Најмалку 20 активни пожари во земјава, критично кај Баница и Водоча

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високите температури повторно ја зголемуваат опасноста од пожари на отворен простор, а во моментов низ земјава се активни најмалку 20 пожари. Од Дирекцијата за заштита и спасување посочуваат дека особено критична е состојбата во струмичкиот регион.

Попладнево пожар избувнал во атарите на селата Баница и Водоча, каде огнот брзо почнал да се шири. На терен се екипи од противпожарните служби од Струмица, Гевгелија, Валандово и Радовиш, кои работат на ставање на пожарот под контрола.

Во гаснењето е вклучена и механизација, со која се прават противпожарни пресеки со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека засега нема информации за изгорени куќи или повредени лица.

„Пожарот брзо почна да се шири, а противпожарните служби од Гевгелија, Валандово, Радовиш и Струмица воспоставуваат контрола. Активирана е механизација која прави противпожарни пресеки за да не се шири огнот. Нема изгорени куќи и нема повредени лица“, изјави Ангелов.

Освен во струмичкиот регион, активни пожари има и во Цветово во Општина Студеничани, кај Церово во Општина Желино, во Тајмиште, Врапчиште, Маврово-Ростуше, како и во прилепскиот регион и кај селото Бонче.

Од ДЗС предупредуваат дека бројот на пожари може дополнително да се зголемува во наредните денови поради високите температури.