Најмалку 35 лица загинаа во бурите предизвикани од обилни снежни врнежи што ја погодија северна Јапонија во последните две недели, додека речиси 400 лица се повредени, соопшти јапонската влада.
Петнаесет префектури беа погодени, а во најтешко погодените области, длабочината на снегот достигна околу два метра, објави АП.Најголем број смртни случаи се пријавени во префектурата Ниигата – 12, вклучувајќи маж на околу 50 години пронајден на покривот на куќа и постар маж кој паднал додека чистел снег во градот Нагаока.Седум смртни случаи се регистрирани во префектурата Акита и пет во Јамагата.
Бројот на повредени низ целата земја е 393, вклучувајќи 126 тешко повредени, од кои 42 во Ниигата. Оштетени се 14 куќи.
Главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара, предупреди дека топењето на снегот може да предизвика лизгање на земјиштето и ги повика граѓаните да користат шлемови и јажиња при чистење на снегот.
Властите формираа повеќе работни групи за да реагираат на погодените подрачја, а прогнозите предвидуваат дополнителни снежни врнежи во текот на претстојниот викенд.
