Најмалку 50 лица загинаа, а 125 се водат како исчезнати во катастрофалните свлечишта што ја погодија јужна Етиопија по една недела обилни дождови, соопштија денес официјални лица.
Свлечиштата се случија во последните денови во областите Гачо Баба, Камба и Бонке во зоната Гамо, изјави Месфин Мануква, директор за одговор при катастрофи за зоната Гамо.
Тој рече дека едно лице е извлечено живо од калта за време на спасувачката операција.
Раководителот на комуникациите за областа Гачо Баба рече дека повеќето од загинатите се пронајдени закопани во кал. Точниот број на погодени домаќинства сè уште не е познат.
Претседателот на Јужната етиопска регионална држава изрази жалење поради катастрофата и ги повика жителите да се преселат на повисоки места бидејќи дождовите продолжуваат.
„Со оглед на тоа што е сезона на дождови и ваквите катастрофи може да се повторат, ги повикувам заедниците што живеат во високи области и области склони кон поплави да преземат неопходни мерки на претпазливост“, рече тој.
Свлечиштата и поплавите предизвикани од обилни дождови се чести во Етиопија, особено за време на сезоната на дождови.
Во јули 2024 година, големо свлечиште предизвикано од обилните дождови уби 229 луѓе во јужна Етиопија.
