Најобилни врнежи од дожд во последните 24 часа се забележани во неколку делови од Скопско – во Црешево се измерени 74 литри на квадратен метар, во Лисиче 63, додека во Гази Баба 44 литри на квадратен метар.
Заклучно со 08:00 часот утринава во Куманово се регистрирани наврнати 32 литри на метар квадратен, во Крива Паланка 29, во Берово 22, во Струмица 18 и во Скопје Зајчев Рид, 16 на Попова Шапка, 13 во Скопје – Карпош, 12 во Претор, 11 во Ѓорче Петров – Скопје, Демир Капија и Гевгелија, 9 во Кавадарци, 8 во Велес, 7 во Скопје – Петровец, 5 во Тетово, како и 3 литри на метар квадратен во Виница и Маврово.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) нагласува дека овие вредности се измерени на плувиометриските станици на институцијата, додека поради локалниот карактер на атмосферските процеси, количината на врнежи може значително да варира од едно подрачје до друго, а на некои места може да биде значително поголема од евидентираната.
Денеска попладне се очекува нестабилно време со локални врнежи од дожд и грмежи. Во одделни подрачја ќе има поинтензивни процеси со пороен дожд (над 15 л/м²), грмежи, засилен ветер (над 60 км/ч) и можност за краткотраен град. Максималната температура ќе се движи од 27 до 35 степени Целзиусови.
Во Скопско се очекува променливо облачно и нестабилно време, со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во некои делови од котлината има услови за краткотрајно лошо време, со поинтензивни врнежи од дожд и град. Максималната температура ќе достигне до 32 степени Целзиусови.
