Намален бројот на пациенти во Гостивар, здравствените власти ја следат состојбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на граѓани кои побарале медицинска помош поради симптоми на ентероколит во Гостивар останува на пониско ниво во однос на најкритичниот период, иако во последниот ден е забележано мало зголемување.

Според најновите податоци на Министерството за здравство, во текот на 26 јули 2026 година во јавните здравствени установи во Гостивар се евидентирани 127 новопрегледани пациенти кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми поврзани со ентероколит.

Од ресорното министерство информираат дека бројката е нешто повисока во споредба со претходниот ден, но сепак е значително пониска од периодот кога беше достигнат најголемиот пик на заболувања.

Најголемиот број прегледи биле реализирани во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, каде најголем притисок и понатаму има на инфективното и педијатриското одделение.

„Во Општата болница „Д-р Ферид Мурад” Гостивар се регистрирани вкупно 91 нови прегледи, од кои 41 на инфективното одделение и 50 на педијатриското одделение“, соопштија од Министерството за здравство.

Во текот на денот биле регистрирани и две нови хоспитализации – еден пациент бил примен на инфективното одделение, а еден пациент на педијатриското одделение.

Покрај болничките прегледи, дел од пациентите со симптоми биле згрижени и преку службите за примарна здравствена заштита.

Здравствените власти продолжуваат со следење на состојбата во Гостивар и апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за превенција и навремено да побараат медицинска помош при појава на симптоми.