Инфлацијата за 2022 се проценува на 14,3%, додека за наредната година се проектира дека ќе биде 8 до 9 %. Дали проекциите ќе се исполнат, зависи од цената на струјата на регуларниот пазар, состојбата на меѓународните пазари, но и цените на примарните производи.
По растот на БДП за 4% минатата година, годинава се очекува намалување на растот за 2,3%. Наредната година се очекува раст од 2 % и би забавил на 1,8 %. Наредната година се очекува раст на цените на енергенсите, металите, храната. За нафтата се очекува поголем пад на глобално ниво – вели гувернерката Бежовска. Има многу фактори кои влијаат на тоа да имаме двапати поголема инфлација од некои земји од ЕУ.
„Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност е значајно поголем. Кај нас трговската отвореност е 140% од БДП, во ЕУ е 70%. Колку отвореноста е поголема тоа значи дека има помлаку домашни ресурси кои можат да ги компензираат овие надворешни шокови.“, рече Анита Бежовска.
Како втор фактор Бежовска ја споменува енергетската зависност и потрошувачката кошничка, бидејќи кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50-тина проценти од семејниот буџет, а во ЕУ околу 30-тина проценти.
-Се прават нагорни корекции кај глобалната инфлација особено кај помалку развиените економии каде се оценува во просек 10% , а кај доминанатен дел двоцифрена инфлација која се очекува да забави на 8% наредната година-изјави Бежовска.
Растот на економијата ќе забави во земјите од Западен Балкан, се вели во проекцијата на ММФ. Во глобалната економија се очекува умерена рецесија. Годинава е забележан исклучително висок раст на цените на основните производи. Индексот на храна во март годинава достигна 60 % повиско во споредба со пред пандемијата. А, енергенсите го достигнаа својот максимум во август кога цената на електричната енергија достигна 650% повисоко ниво, гасот 250 %, во споредба со крајот на минатата година.