„20 години никој нема слух за подобра средина и затоа е се полошо и полошо“, истакнаа организаторите на денешниот протест против загадувањето. Мора да се пронајде начин против тешката индустрија и урбаната мафија кои ги посочуваат како главни виновници. За Кристијан токму загадениот воздух бил причина да замине од Македонија.
„Почнувајќи од ситната боранија автомобилите, урбаната мафија до најголемите фабрики. Против една од нив имаме правено и протести, тоа е фабриката Железара, 7 месеци се обидувавме, немаше фидбек, успеавме барем филтри да ставиме, откако престана притисокот си продолжи по старо“, вели Кристијан Узунов.
И додека, ресорното Министерство ги лоцира загадувачите, граѓаните сами се нудат, да помогнат во пронаоѓање на загадувачите, бидејќи тие многу добро ги знаат.
„Тие работат на случајот. Сѐ уште ги лоцираат главните загадувачи, ако сакаат можеме за рака да ги фатиме и да ги однесеме. Ако имаме време вака да се глупираме по ладново и тоа ќе го направиме, ако стварно не знаат кои се големите загадувачи и кој придонесува можеме да им покажеме, ако не нека се фатат за работа, а не тендерчињата да им бидат побитни од здравјето на овие деца“, додаваат лицата кои протестираа.
Маските кои им биле ветени не ги добиле, негодуваат граѓаните и за тоа што на надлежните им треба време за да преземат мерки за нешто што го засега здравјето, а кога се работи за политички ситуации ги решаваат итно. Едногласни се дека не помагаат ниту маските, ниту прочистувачите, бидејќи загадениот воздух е насекаде и неизбежен.
Протестниот марш започна од пред Собрание и заврши пред Владата. Организатор на протестот беше граѓанската иницијатива „Канцерогено општество“, која побара власта да не ги прекинува краткорочните мерки како што е бесплатниот превоз и да ги вклучи граѓаните, невладините организации и експертите во изнаоѓање долгорочно решение за загадувањето.
РЕПОРТЕР: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА
