Народна банка: Отворени шалтерите на „АЛТА банка“ во Битола, Тетово и Струмица – исплатата се одвива непречено

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Покрај шалтерите во Битола, коишто работат од 6 ноември, од денеска се отворени шалтерите на „АЛТА банка“ АД Битола и во Тетово и Струмица. На овие шалтери граѓаните коишто немаат платежни картички можат да подигнат до 20.000 денари, информираат од Народната банка.

„Исплатата на средствата во сите три града се одвива непречено и според утврдениот распоред. Во експозитурата во Струмица на почетокот на работниот ден имаше краткотрајно доцнење поради логистичка организација, по што исплатата продолжи согласно предвидената динамика. Исплатите ќе продолжат и во следните денови, со цел клиентите на Банката да можат да располагаат со своите средства“, се вели во соопштението на Народната банка.

Исто така, како што информираат од највисоката финансиска институција, од оваа недела се зголемува неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на Банката, од 10.000 на 15.000 денари.

„Народната банка континуирано ја следи состојбата и презема соодветни активности, приспособувајќи ги мерките во согласност со развојот на состојбите. Приоритет останува обезбедувањето уредно опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на Банката“, велат од НБРСМ.