Народниот правобранител реагира за поплавите во Кичево – сомневања за недостатоци во управувањето со канализацијата и реките

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народниот правобранител – Регионалната канцеларија во Кичево по сопствена иницијатива отвори постапка за отпадот кај местото т.н. „Бунарот на Сефер“, каде пред неколку дена протестираа жители барајќи од Општината да не им ја загадува животната средина.

Илбер Руфати, заменик-народен правобранител, соопшти дека од Општина Кичево е побарана целокупната документација за конкретниот случај.

„Оваа институционална активност следи по информациите и загриженоста изразени од жителите на населбата Рештан Пашино Горно, селото Трапчиндол – Лапкиндол, како и од други граѓани и претставници на граѓанското општество, кои отворија сериозни дилеми во врска со можните влијанија на овој проект врз животната средина, јавното здравје и квалитетот на живот. Во рамки на постапката, од Општина Кичево е побарана целосна документација што се однесува на: одлуката за утврдување на локацијата; урбанистичката и еколошката документација; студијата за влијание врз животната средина; спроведувањето на јавни консултации; предвидените мерки за заштита на здравјето и животната средина“, вели Илбер Руфати.

За оваа состојба ТВ21 побара став од Општина Кичево. Градоначалникот категорично негираше дека станува збор за таков проект. Тој изјави дека местото е расчистено со цел да се изгради стационар за кучиња скитници.

„Не знам од кои причини се организирани протестите. Искрено да ви кажам, и јас сум изненаден. Ние таму испративме механизација за да се исчисти една парцела во државна сопственост, каде, ексклузивно да ви кажам, треба да се изгради место за собирање на кучиња скитници. Меѓутоа, по подолг разговор со Секторот за урбанизам во Општина Кичево, откако неколкупати ја посетивме локацијата која се наоѓа во вдлабнатина и од Рештан е оддалечена околу 5 км воздушна линија, а од Трапчиндол 3 до 4 км воздушна линија, во една вдлабнатина. Не знам кој успеал да ги убеди граѓаните дека тоа ќе биде нешто штетно за нив или за реката таму. Таму нема никаква река.“, вели Александар Јовановски.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител по сопствена иницијатива е отворена уште една постапка и за состојбата со поплавите во Кичево, при што се изразува сомнеж дека ваквата ситуација се должи на системски недостатоци во управувањето со атмосферската канализација и на нередовното одржување на речните корита.