Државниот завод за ревизија предупредува на неодржливост на пензискиот систем, поради тоа што се повеќе расте бројот на пензионерите, а опаѓа приливот на придонесите во пензискиот фонд. Ова се наведува во последниот извештај на ревизорите кое се темели на демографските поместувања во земјава, односно се поголемото стареење на населението.
„Иако пензискиот систем димензиониран во три столба обезбедува редовна исплата на пензии неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи“, велат од Државниот завод за ревизија.
Извештајот наведува и дека првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а дупката во пензискиот фонд се покрива со префрлање пари од Буџетот кои достигнуваат и до над 690 милиони евра. Дополнителен товар се и линеарните покачувања кои не се во согласност со зголемувањето на платите.
„Во текот на 2024 и 2025 година висината на пензиите се зголемија линеарно неколку пати што не е проследено со зголемување на платите на осигурениците и зголемување на бројот на осигуреници кои плаќаат придонеси. Во отсуство на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7.4% од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на централниот буџет“, велат од Државниот завод за ревизија.
Според демографските проекции во следните 30 години се очекува учеството на лицата над 65 години да се зголеми на над 34% додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии. Како главна причина се наведува нискиот наталитет а особено иселувањето на младите.
