Работејќи го земјиштето, жител од Боговиње нашол неексплодирани бомби. Биле ставени во тенџере. Веднаш ја известил полицијата.
„С.А. пријавил дека во нива сопственост на неговиот татко во атарот на селото Боговиње пронашол кофа со капак во која имало повеќе експлозивни направи (бомби), кои наликувале на рачни бомби од типот „кашикара““, велат од СВР Тетово.

На местото на настанот пристигна Центарот за управување со кризи. Според нив, станува збор за нови бомби, а не од светските војни, како што првично се сомневаше.
„Заедно со полицијата го обезбедивме местото и денеска дојде нашиот колега, ги обезбеди и ги демонтира бомбите. Станува збор за осум бомби „кашикара“ од кинеско производство кои се нов модел. Според информациите што ми ги даде колегата, тоа се нови бомби. Дирекцијата за заштита и спасување ќе се справи со тие уреди и ќе ги испрати во своите магацини или ќе бидат детонирани“, вели Мухамед Авзија.

Во полошкиот регион често се среќаваат неексплодирани експлозивни направи, но најчесто останати од Првата или Втората светска војна. Поголема количина била пронајдена пред неколку месеци пред гостиварскиот суд.
