Наскоро имотот на Мијалков на аукција, неговата вредност е над 14 милиони евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дритон Небиу, по преземањето на функцијата директор на Агенцијата за управување со одземен имот, се ангажираше одземените имоти и акции да бидат ставени на аукција за продажба. Меѓу нив се и имотите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кои, како што вели, од непознати причини не биле земени предвид за постапување. Вредноста на недвижниот имот е над 14 милиони евра.

„Одлуката за да ги ставиме на продажба акциите на Сашо Мијалков помина, нешто што со години не се случувало во оваа Агенција, не знам од кои причини!? Останатите одземени имоти на Сашо Мијалков изнесуваат 14.144.000 евра, односно станови, градежно земјиште и недвижен имот, а сме во завршна фаза на постапката за недвижниот имот лоциран на Гевгелија и недвижен имот во Вила Водно, колку што се сеќавам, сме во завршна фаза, ги помина сите филтри во институцијата, во Владата и очекуваме дека наскоро, овие денови, и тоа земјиште ќе го пуштиме на продажба.“, рече Небиу.

Небиу се сомнева дека се манипулира со случајот „Трансмет“ на Сеад Кочан. Тој вели дека има судска одлука за одземање на машинерија за работа, која никаде ја нема.

„Конечната судска одлука е да му се одземат сите недвижности што ги има, финансиски средства и слично, возила, но во моментов немаме никакво возило во Агенција за управување со одземен имот и се поставува прашањето каде се овие возила на „Трансмет“.“, вели Небиу.

За овие машини Небиу побарал помош од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи за откривање на нивната локација. Небиу најави дека во моментот во магацинот за автомобили во Идризово има околу 15.000 автомобили.

Инаку, Агенцијата за конфискација на имот во последниот период дала донации од конфискуваните средства во општини, различни здравствени, образовни и други институции. Донациите се облека, здравствена опрема, училиштен материјал, храна и возила кои со судска одлука се одземени.

„Поточно, дониравме над 2.020 уреди, опфаќаат училиштен прибор, училишни материјали и облека за децата од тие училишта. Дониравме и во над 15-16 здравствени установи, дониравме разни медицински производи, дониравме прехранбени производи за одржување на нивните кујни кои им се потребни на пациентите, дониравме и во затворот Идризово.“, изјави Небиу.

Небиу, вели дека во првите 100 дена се обврзал да им помогне на институциите на кои најмногу им требаат одземените материјали.