Наскоро нов состав на мешовитата комисија – Ѓоргиев: Премиерот Мицкоски ги навреди членовите на комисијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За многу скоро време треба да биде познато кои ќе бидат измените во Мешовитата комисија за историски прашања со Бугарија, откако премиерот Христијан Мицкоски ќе има средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Мицкоски не сакаше да прецизира кои ќе бидат новите членови на Комисијата, но како што претходно најави тие ќе бидат предложени на една од наредните владини седници.

„Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, тој е сега надвор од државава, мислам вчера беше Блед, денеска Белград, потоа оди на друго место, кога ќе се видам ќе ги прецизираме. Има некои идеи, има некои размисли, мислам дека на следната или потоа, владина седница ќе помине новиот состав на Комисијата која што преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен“, порача Христијан Мицкоски.

Мицкоски деновиве му прати порака на копретседавачот на Комисија Драги Ѓоргиев како и на членовите, дека недоволно ги штителе и се залагале за македонските национални интереси, но и дека коленичел пред министерски и премиерски кабинети. Ѓоргиев во интервју за Сител изјави дека од септември тој и неколку други членови не сакаат да бидат веќе дел од Комисијата, незадоволен од односот на власта.

„Мислам дека премиерот ги навреди членовите на Комисијата. Членовите на Комисијата 6-7 години работат во таа Комисија, тоа се академски граѓани кои успеаја да изградат еден свој интегритет во македонското општество без разлика на сите оние манипулации и шпекулации неаргументирани за нивната работа“, вели Драги Ѓорѓиев.

Ѓоргиев рече и дека односот во Комисијата е блокиран кај и ликот и делото на Гоце Делчев бидејќи бугарската страна одбива да прифати во текстот за евентуално заедничко чествување да стои дека Делчев е национален херој на македонскиот народ.