Наставничка сведочеше: Училиштето уште во септември било известено за семејното насилство во домот на Катја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Училиштето уште на почетокот на учебната година било информирано за семејно насилство во домот на шестгодишната Катја, сведочеше нејзината класна наставничка на денешното рочиште во Основен кривичен суд Скопје.

Таа пред судот детално го опиша однесувањето на девојчето, контактите со нејзината мајка Ивана и таткото Стојанче, како и настаните што му претходеле на трагичниот 2 март, кога мајката и ќерката го загубија животот по скок од стан во скопската населба Тафталиџе.

Според сведочењето, првите информации за проблемите во семејството наставничката ги добила на родителска средба во септември, кога наместо родителите присуствувала бабата на девојчето. Таа ѝ кажала дека мајката не дошла бидејќи во домот имало семејно насилство од страна на таткото.

Наставничката веднаш го известила училишниот психолог, по што било договорено да се следи состојбата на ученичката. Неколку дена подоцна, за време на игра во училницата, Катја паднала на подот и им објаснила на соучениците дека „така паѓала мајка ѝ кога татко ѝ ја удирал“. По овој настан психологот разговарал со девојчето и со мајката, при што на Ивана ѝ било укажано каде може да се обрати за помош во случај на семејно насилство.

Во месеците што следеле, според наставничката, Катја се однесувала како и другите деца, била ведра, дружељубива и не покажувала знаци на вознемиреност. Таа најчесто била носена и земана од училиште од мајката или од бабата, додека таткото само еднаш дошол во училницата.

Пред новогодишните празници, бабата повторно го известила училиштето дека Ивана се вратила да живее со таткото на Катја, изразувајќи загриженост за нивната безбедност.

Наставничката сведочеше и за последниот ден кога девојчето било на училиште – 2 март. Тој ден Катја ја донела баба ѝ и, како што рече, девојчето било расположено и среќно, раскажувајќи дека претходниот ден било на шопинг со мајка ѝ. Подоцна, по часот по физичко образование, Ивана дошла во училиштето и ја земала Катја од настава.

Вечерта наставничката дознала од колешка дека мајката и девојчето се починати, информација која првично стигнала од родител на ученик.