Претстојниот втор круг на локалните избори во Брвеница беше темата што пратеникот на Европскиот фронт Скендер Реџепи ја отвори на седницата за пратенички прашања. Тој го обвини премиерот Мицкоски дека ги крши правата на Албанците со тоа што испраќа пораки за време на кампањата дека тој ќе избере која сака политичка партија на Албанците за коалиционен партнер а не онаа која победила на изборите. Со тоа не само во Брвеница туку и во други општини ќе почне процес на промена на уставниот поредок односно федерализација на државата, истакна Реџепи.
„Значи зборуваат дека владата на чело со премиерот ги газат нивните етнички и национални права. И продолжуваме понатаму. Премиерот кажал дека во следните парламентарни избори доволни му се 61 пратеник и тој ќе го избере кој сака од албанските партнери не вреднувајќи го гласот на албанските гласачи. Имам страв и убеден сум дека по сите овие параметри кои се знаат таму дека овие општини ќе бидат почетници за промена на уставниот поредок, како асоцијација на општини, збир на општини редефинирање на државата врз основа на федерализација“, порача Скендер Реџепи.
Премиерот Мицкоски оцени дека ваквото негово прашање има политичка позадина, но дека пораките што тој ги упатил за време на кампањата е гласачите да гласаат по сопствено убедување додека луѓе од коалицијата НАИ повикувале на етничко гласање.
„Мојата порака беше – ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите. Тоа го направија од првиот ден, немојте затоа што вие повторно ќе влегувате и во џамијата и во црквата. Повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат. За нив ова е сламка за нивната политичка кариера, за вас е се. Немојте да дозволите ве молам да ве делат, туку излезете гласајте онака како што мислите дека треба да гласате. За тој за кој што мислите дека е подобар“, вели Христијан Мицкоски.
Вториот круг на локалните избори за градоначалник на општина Брвеница треба да се одржи во недела на 1 ноември. На овие избори ќе се соочат кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски и кандидатот на ДУИ Аркин Јахиј.
