Иако претседателската кампања се уште не е почната, политичките противници деновиве се позасилено го напаѓаат кандидатот од спротивниот табор. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики до Пендаровски велат дека тој претходно не прифаќал промена на Устав а дека сега бара да се прифатат уставните измени кои ги бара Бугарија.
„Пендаровски лично е главен застапник на идејата за промена на Уставот, и лично кажа дека токму тој е човекот кој го преговарал анексот како што сам го нарекува, т.е. бугарскиот диктат. Кога Пендаровски лажеше кога тврдеше дека вон памет е да се менува Уставот или сега кога е главен лобист за промена на Уставот? Има ли Пендаровски став кој не го погазил?“, рече Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Но ниту од СДСМ не останаа без да го критикуваат противничкиот кандидат. Оттаму со став дека Силјановска Давкова ги спроведува политиките на ВМРО-ДПМНЕ на блокирање на европскиот пат на земјава.
„Она што го нудат ДПМНЕ и Силјановска е да се откажеме од иднината, од надежта, да се изолираме и да се збогуваме со секоја вистинска и суштина промена за подобро утре. Силјановска Давкова ревносно ги спроведува политиките на ДПМНЕ на блокади и кочење на европскиот пат во македонското Собрание. Застанува дикретно против Договорот од Преспа и на Преговарачката рамка за влез во ЕУ. Толку јасно. Граѓаните гледаат дека Силјановска е реприза на Иванов.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
За разлика пак од она што го слушаме и од ВМРО –ДПМНЕ и од СДСМ, во албанскиот политички блок пак ја нема таквата реторика. Ниту од коалицијата која застана зад кандидатурата на Таравари го критикуваат Османи, ниту пак од ДУИ тоа го прават кон кандидатот на ВРЕДИ. Тие повеќето се обраќаат кон граѓаните со барање поддршка отколку да го напаѓаат нивниот политички противник. Со помирни тонови се и од партиите на останатите кандидати за претседател Билјана Ванковска со поддршка од Левица, Максим Димитриевски претседател на ЗНАМ и Стевче Јакимовски претседател на ГРОМ.
