„Прашањето за терминот 20% е прашање на етикета, нема врска со суштината“, изјави во „Click Plus“ потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, изјава на која реагираше лидерот на ЛД, Изет Меџити, велејќи дека „Не е ниту точно ниту вистинито дека ‘20%’ е етикета што не ја одредува содржината. Напротив, содржината е условена од ‘20%’“, пишува ТВ21.
Како што вели Меџити, со вакви релативизирања, веќе 20 години не е обезбедена правна основа за целосна јазична еднаквост меѓу албанскиот и македонскиот јазик. Тој додава дека со албанскиот јазик се правеле политички пазари, а настанатиот хаос е директна последица од тие пазари за власт.
„Затоа, кога денес се обидуваат да кренат некакви аларми за наводно укинување на албанскиот јазик, јас јавно ќе ги прашам:
Колку нивни функционери и деца на функционери го полагале правосудниот испит на македонски јазик и зошто?
Зошто упатствата, историите на болест, анамнезите и другите медицински документи сè уште се само на македонски и никогаш не биле и на албански?
Зошто Народната банка, како и комерцијалните банки, немаат писмена комуникација и на албански, покрај македонскиот?!
Зошто Катастарот нема евиденција и не издава имотни листови, сертификати и потврди и на албански?
На кој јазик работи администрацијата на Град Скопје?!
Кој јазик го користат адвокатите, нотарите и извршителите во својата работа? Дали имаат право во постапките и во писмената комуникација да го користат албанскиот јазик?!
Ова се само неколку примери што практично објаснуваат каква содржина и каков статус му е даден на албанскиот јазик во изминатите две децении. Доста го лажевте народот по телевизиските студија“, напиша Меџити.
