„Не можам да кажам кој ќе биде следен“ – Амбасадорката Агелер најави нови имиња на црната листа на САД?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Амбасадорката Агелер рече дека не може да открие кој би бил следен кој ќе се најде на црната листа на Соединетите Американски Држави. Сепак со тоа што посочи дека во моментот се следат не само лица туку и организации, потврди дека во најскоро време на листата на која досега се Мерко и Камчев би можеле да се најдат и други. 

„Ова е процес што трае, не можам да кажам кој е следен, бидејќи навистина не знам. Тоа не е нешто што се прави лесно, се прави многу внимателно но можам да кажам дека во секој момент продолжуваат разговорите со канцелариите во Вашингтон кои ги следат овие извори дека има бројни индивидуи и организации кои се следат во секој момент“, вели Анџела Агелер.

Амбасадорката Агелер истакна дека доказите за Камчев биле собрани од домашните институции, а ставањето на црната листа прво на Мерко, а потоа и на Камчев не се ниту лично ниту политички мотивирани. Сепак, додаде таа дека САД не е тој што треба да ги суди, туку тоа треба да го сторат македонските институции.

„Ние нема да дојдеме во Северна Македонија и да апсиме некого или да почнеме правен процес против нив, но интересно е да се види какви следни дејствија ќе бидат преземени. Не е мое, како американски амбасадор во Скопје да кажувам на било која институција што следно треба да направат, забележав а и други забележаа дека ние успеавме да најдеме значајни докази за одговорност на лицата“, додаде Агелер. 

Ставањето на Камчев на црната листа ќе има влијание не само врз него туку и врз сите оние кои имаат било какви бизнис релации. Агелер порача и дека Камчев не само што ја урива работа на правосудните органи, туку тој ги повредува и сите граѓани.

„Злоупотребата на правото, перењето пари, поткупување и други прекршоци во кои господин Камчев учествуваше не само што ја наруши довербата на јавноста во судскиот систем во Северна Македонија, туку исто така придонесе за значајно предавство на народот на оваа земја. За Северна Македонија да ги надмине предизвиците кои се пред неа и да ги достигне целите на просперитет, продуктивност и значаен член на Европската унија корупцијата не смее да помине неказнето“, вели Агелер.

Претходно струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а сега и Орце Камчев се најдоа на црната листа на САД поради корупција но и сериозно нарушување и влијание врз правосудството.