Не очекува ли црна изборна кампања? – Опожарени билборди со зајадливи пораки меѓу политичките партии

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Изборната кампања сѐ уште официјално не е почната, а на неколку билборди низ Скопје, почнаа да осамнуваат зајадливи пораки меѓу политичките партии. Некои билборди се опожаруваат, а некои се чкртаат со боја. Дали ова значи дека ни претстои црна кампања?

„Министерството за внатрешни работи извести дека утрово биле опожарени два билборда, едниот на улицата „Васил Ѓоргов“, а другиот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Но, како што можете за забележите од билбордот зад мене, освен што е опожарен, билбордот е и исчкртан. На пример, на овој билборд, чиј нарачател е ВМРО-ДПМНЕ, пишува дека едно лице се обогатува, а 2 милиони осиромашуваат“, вели репортерката на ТВ21.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, опожарувањето на билбордите е организирано од СДСМ. Тој најави дека по 12-ти април ќе има одговорност за ова, додавајќи дека ваквите постапки влијаат и врз отпочнувањето на преговорите со ЕУ.

За обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ побаравме коментар од СДСМ, но од таму беа недостапни за одговор на прашањето – дали тие го нарачуваат палењето и сквернавењето на билбордите?
Дека црна кампања може да влијае и врз стартот на пристапните преговори со ЕУ, смета и албанската опозициска партија, Алијанса за Албанците. Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари повика политичките партии да не ја злоупотребуваат власта.

„Ние сме во пресрет на добивање датум за преговори и мислам дека еден од главните услови за добивање датум, бидејќи може да се даде позитивен сигнал во март, се и избори одржани согласно европските стандарди“, додава Арбен Таравари.

Изборите се закажани за 12-ти април, а официјално кампањата треба да стартува 20 дена пред нивното одржување.