Поради недостиг на транспорт, средношколците од Горна Лешница се обврзани да пешачат до најблиското училиште кое се наоѓа во Долна Лешница. Понекогаш родителите ги носат со автомобили, но тоа не можат да го прават често. Поради тоа што треба да пешачат по 3.5 км, многу ученици се одлучуваат да не продолжат со средно образование. Во моментов, од цело село, само еден ученик следи настава во средно училиште.
„Немаат, тие сами ги праќаат но на зима и ние немаме можност поради тоа што немаме добри автомобили. Патот се блокира и учениците остануваат без настава. Од општината многу пати сме побарале но ни велат дека сами треба да ги однесеме децата на училиште. Ни велат не се многу, двајца се. Поради транспортот повеќето не одат, не одат поради недостигот на услови. Како да ги однесеме долу? Немаме добри автомобили и децата остануваат без образование“, истакна жител на Горна Лешница.
Селото е дел од општина Желино, а од месната заедница велат дека неколку пати побарале да се обезбеди транспорт за учениците, но од таму им одговориле дека не можат за еден ученик да испратат превоз.
„Се жалев, отидов во општина за да им се обезбеди транспорт на децата за да не останат на пат, зимата доаѓа и тие ни рекоа во ред, но не нè земаа предвид. Кога паѓа снег тоа е 20-50 сантиметри и немаш можност да ги пратиш и тој или доцни на час или не оди воопшто. Треба во 7 часот да бидат таму, а стигнува во 9, тоа е проблемот“, порача Мефаил Џелили.
-Дали има ученици кои поради транспортот не одат во средни училиште?
„Да има и такви кои поради транспортот не одат на училиште. Има родители кои немаат ниту автомобили и тие се обврзани да пешачат. А тие кои одат пеш се плашат. Ако се попладне треба да се вратат во 8 навечер и се плашат. Јас често излегував со автомобил и го чекав“, додава Мефаил Џелили.
За овој проблем прашавме во општина Желино, но досега не добивме одговор.
Инаку Горна Лешница е планинско село, а поради иселувањето, ова село има околу 200 жители.
