„Не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ“ – Ковачевски му одговори на Радев кој тврди дека се во фаза на вето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека на вонредниот состанок на Европскиот совет денеска и утре ќе постави барање за мониторинг  од страна на Европската унија за почитување на правата на македонските Бугари во нашата земја. Во Македонија се води антибугарска кампања која води кон злосторства и насилства кон лица и бугарски клубови, рече Радев.  

„Ќе барам многу јасно од своите колеги  за повеќе солидарност и ангажираност со правата на македонските Бугари и со истата енергија со која нас не прозиваат тука за успорување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија, Европската унија да наметне мониторинг и гаранции за почитување на правата на македонските Бугари“, вели Румен Радев.

Немаме проблем со тоа бидејќи правата на немнозинските заедници во земјава се на многу повисоко ниво од многу земји во Европската унија одговори премиерот Димитар Ковачевски.

„Барањето на било кој политичар во тој дел за нас не претставува никаков проблем со оглед на тоа дека правата кои што ги имаат сите поединци или групи во оваа држава кои што не се дел од мнозинскиот народ се на многу повисоко ниво од голем број држави во Европа па и членки на Европската унија. Бугарија не би ја коментирал бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјави само за да собере некој глас плус“, порача Димитар Ковачевски.

Радев воедно и рече дека Бугарија во моментов сме во состојба на вето на преговорите на Македонија со Европската унија кои, како што рече, се уште не се почнати се додека не се внесат Бугарите во Уставот. Ковачевски ја отфрла можноста за вето бидејќи, рече тој, ние веќе сме во преговори со Европската унија а не со Бугарија.

„Во моментот можам да кажам дека ние сме во состојба на вето. Првата Меѓувладина конференција или почетокот на преговорите да започнат само и единствено кога Бугарите ќе бидат впишани во Уставот на нашиот сосед. До моментот додека не се впишани преговорите не се започнати. Така што тоа е состојба на вето“, додаде Румен Радев.

„Ние со Бугарија не преговараме за влез во Европската унија, ние преговараме со Европската унија во Брисел. Вето нема да има бидејќи ние веќе ги отпочнавме преговорите“, вели Димитар Ковачевски.

А вчера Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Резолуција во која се наведува дека не постои системска дискриминација на малцинствата во Македонија, со што беа отфрлени амандманите на Бугарија со кои се тврдеше дека постои дискриминација во Македонија.