Не сакаат да влезат во Влада, сакаат нови лица – „Огнената група“ излезе на терен, „молкот“ на Груби со песна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се собраа надвор, а во позадина ги придружуваше песна со патриотски мотиви.

Вака од Студеничани, незадоволните од ДУИ од работата на владата, ги почнаа средбите со партиските ограноци, за, како што велат, да се разјасни детално анализата на работата на извршната власт во последните 2 години.

Кога седнаа, најпрво се забележа тоа што го интересираше Муса Џафери, а тоа беше кои медиуми се дојдени да ги проследат.

-Џафери: Кои се овие медиуми?

Беџети: Алсат и ТВ21.

А кога излезе да зборува пред присутните, ги обвини медиумите дека го измислиле името Огнена група за нив.

„Ние имаме простор АА да ја внесеме во Влада, да ја мобилизираме, а всушност сме свесни дека нашата партија се распарчува, создава ендек меѓу раководството, меѓу ограноците, меѓу општините. Јас мислам дека е крајно време да се освестиме и да се мобилизираме да тропнеме на вратите на ДУИ, оваа состојба да не ја дозволиме понатаму, треба да седнеме и да најдеме компромиси за да ја зачуваме ДУИ“, вели Муса Џафери.

Организациониот секретар на ДУИ, Блерим Беџети повтори дека нивната цел не е влез во владата.

„Не сме заинтересирани да бидеме дел од извршната власт. Само бараме да се почитува меритократијата, да се почитува основата а не да биде ексклузивен дел носењето одлуки од Артан Груби и неговиот клан“, порача Блерим Беџети.

Од друга страна, потпретседателот Изет Меџити е јасен дека неговите сопартијци кои се во влада треба да бидат заменети со нови лица.

„Оваа влада дојде без гласови од граѓаните, без гласовите на генералниот совет на партијата и тоа што е најважно, нема реализација, ниту во инфраструктурата, ниту во соодветна застапеност, ниту во албанскиот јазик, ниту во децентрализацијата ниту во било кој друг сегмент. Ги исполнуваат сите критериуми да си заминат и да дојдат нови момци и девојки, кои се подготвени, кои се од народот, од граѓаните и кои ќе ги засукаат ракавите да работат во интерес на албанскиот граѓанин…“, порача Изет Меџити.

Иако имаат критики до министрите и вицепремиерот кој доаѓа од нивната партија, никој од оваа група незадоволни Интегративци не упати некоја критика до Али Ахмети. Дури Меџити рече дека претседателот е известен и дека бил поканет на оваа средба, но, како што се виде, не дошол.

-Дали е известен Али Ахмети за овие средби?

„Да“

-Дали го поканивте?

„Да“

Што сакате да постигнете со овие средби со граѓаните?

„Уште повеќе да ја демократизираме ДУИ“.

Останатите од ДУИ молчат. Ниту една реакција, писмена или со изјава. Единствена форма која може да се смета за реакција по заминувањето на Огнената група синоќа во Студеничани, е видеото што првиот вицепремиер Артан груби го објави на неговиот профил на Фејсбук, каде лидерот на партијата Али Ахмети ја пее песната на Кеќ Хисени.

“..ти се изгуби коренот, ти се изгуби семката,

Како излезе ти пред Кеќо,

Како му се препречи ти на Кеќо“.