Жителите од улицата “Хо Ши Мин“ во скопски Бутел излегоа на протест бидејќи не сакаат пред нивните куќи да се отвори патека за нова улица, бидејќи за асфалтирање на оваа улица ќе треба да им се одземе половина од нивните дворови која всушност е во сопственост на државата, а жителите велат дека за користење на земјиштето со години плаќаат данок.
-Ние нема да дозволиме да се прави овде улица, ќе правиме проблеми колку што треба, ќе ги паркираме автомобилите, ќе ги изнесеме децата. Улица нема да се прави, ја молиме државата да не ни прави проблеми, да не ни го руши мирот што го имаме.
Во нивна поддршка излезе и градоначалникот на општина Бутел, Дарко костовски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека ќе побара од Град Скопје да го промени планот за улицата за истата да не биде во близина на куќите.
Од друга страна, од Град Скопје за ТВ21 велат дека самите граѓани гласале за програмата “Модерно Скопје“ и дека оваа улица е важна бидејќи е фреквентна.
„Градот мора да обезбеди соодветни услови за сите граѓани, а недозволиво е стотици илјади граѓани да чекаат нова улица со години бидејќи неколкумина го узурпираат државното земјиште врз кое е проектирана оваа улица. Не може правото на малкумина да го узурпира правото на мнозинството.“, велат од Град Скопје.
Жителите рекоа дека се подготвува терен за изградба на станови пред нивните куќи, но Град Скопје вели дека општина Бутел не доставила измена или нов план од ДУП и дека не е предвидена изградба на станови на ова место.
