Кога ќе се отвори Уставот за вметнување на Бугарите, ќе треба да се сменат уште многу работи, изјави синоќа во „Клик Плус“ првиот вицепремиер, Артан Груби. Според него, во Уставот има десетици точки кои се лошо толкувани или напишани, дискриминаторски се или нефункционални, па поради тоа потребно е да има вистинска промена на Уставот.
-Не само прашањето за Преамбулата, туку и други прашања, меѓу кои прашање за 20%, цензусот за референдумот, начинот за избор на Претседателот, на пример не на непосредни избори. Да отвориме широка општествена дебата и да направиме вистинска промена на Уставот со сите елементи, не само промена на Преамбулата со вметнување на бугарската, црногорската, хрватската и другите заедници. Не само отстранување на „20%“ и замена со албански јазик, ќе разгледаме и други работи-рече Груби.
За уставните измени, Груби вели дека освен на гласовите на албанската опозиција, смета и на неколку пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако велиме дека имаме 74, ние сме минус 6 за уставните измени. Мислам дека сите овие останати 44, со исклучок на двајцата од Левица, се проевропски и проевроатлантски ориентирани и сакаат да ја видат Северна Македонија во Европската унија. Велам дека сум голем оптимист дека ќе имаме повеќе од 80 пратеници за промена на Уставот-изјави Груби.
Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Дафина Стојановска вели дека Груби не може да се однесува како пророк и да кажува што ќе се случи со пратениците од опозициската коалиција.
За да се случат уставните измени потребни се 80 пратенички гласови.
