Не се преговара за статусот на МПЦ-ОА – Ковачевски: Валидно е тоа што ќе го договорат сите 14 члена на Комисијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Не се преговара за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, децидни се во реакцијата членовите на македонскиот тим  на Мешовитата историска комисија. Оттаму додаваат дека членовите на Комисијата работат на прашањето како МПЦ да биде претставен во учебниците.

„Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла“, велат од Македонскиот тим на историската комисија.

Ваквата реакција се случува откако копретседателот на Историската комисија од Бугарска страна Ангел Димитров во петокот изјави дека за претставувањето на МПЦ Охридска архиепископија не постигнале договор. Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека не станува збор за дефинирање на статусот и дека едностраната изјава од бугарска страна е невалидна.

„Бугарската страна си дава изјави за себе. Она што е валидно е само кога историската комисија со сите 14 члена ќе има консензуален став за било кое прашање. Се друго се изјави кои што немаат никакво влијание врз финален резултат на работата на историската комисија бидејќи  историската комисија, прво работи независно и тоа беше целта. Со историјата да се занимаваат историчарите а со политиката политичарите“, вели Димитар Ковачевски.

Деновиве со реакција се јавија и од МПЦ, од каде велат дека црковните прашања не смеат да бидат тема на дискусија на Мешовитата комисија, бидејќи Охридската архиепископија има јасна и потврдна историја за нејзиното создавање. Бугарскиот копретседавач Ангелов, сепак во петокот изјави дека за ова прашање ќе се продолжи да се разговара на следниот состанок кој треба да се одржи на почетокот на идната година.