Не стивнуваат реакциите за пинџурот на Кос – Муцунски: Жално е во 21 век да се оспоруваат идентитетот и јазикот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос во која таа рече дека идентитетот е врзан за традицијата со манастири, тавче гравче, пинџур полнети пиперки предизвика лавина реакции во јавноста која многумина ја сметаат како навредлива.

Ова пред се доаѓа и пред најавите на бугарските европратеници дека на седницата на Европскиот парламент идната недела ќе достават амандмани на македонскиот идентитет и јазик со додавка модерен. По вчерашната реакција на премиерот Мицкоски со одговор и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој рече дека е жално во 21 век да се оспорува идентитетот.

„Идентитетот е, да, посебно во овој регион е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век се уште категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да го оспорат. Но за нас нема дилема дека историските личности како што се Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии кои што ги има на територијата на нашата држава.“, изјави Муцунски.

Реагираа и од СДСМ велат, дека очекувале еврокомесарката Кос да го истакне тоа што и самата ЕУ го има потврдено дека македонскиот идентитет и јазик се целосно признаени од Унијата. Иако сметаат дека немала лоша намера, сепак и порачаа да биде внимателна со чувствителни прашања.

„Ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имаше лоша намера, но апелираме, кога се говори за чувствителни прашања и теми кои за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите.“, велат од СДСМ.

Од ДУИ пак, реагираат дека Владата со ваквите изјави ги оддалечува искрените пријатели и ја оддалечува државата од европскиот пат.

„Не смееше да се дозволи изјавата на комесарката, дека „идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност“, да стане цел на кампања на омраза и потсмевање. Уште помалку, таа реакција да биде поттикната од извори блиски до власта. Особено загрижува фактот дека министерот за европски интеграции Муртезани не сметаше за потребно да го одбрани овој став.“, изјвија од ДУИ.

На изјавата на еврокомесарката Кос на вчерашниот лидерски самит посветен на Планот за раст на Западен Балкан, премиерот Мицкоски рече дека не се согласува дека идентитетот е врзан само за нашата убава храна, туку дека во неа се вградени голем број херои како што се Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Даме Груев, Јане Сандански и други.