Таблата не сум ја сменила и откако јас дојдов на позицијата министер за труд и социјална работа оваа табла на која стоеше старото име Република Македонија воопшто не беше променета. Ова го изјави министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи откако министерот за надворешни работи Никола Димитров побара таа да биде сменета обвинувајќи дека не го почитува уставот со тоа што ја вратила старата табла на која стои името Република Македонија.
„Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност.
Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во министерството за труд и социјална политика. Во меѓувреме треба да и заблагодариме на вицепремиерката за економски прашања, заради тоа што не ја сменила таблата и со тоа длабоко во себе препознава дека ова е Република
Македонија и ова е Македонски народ.“, рече Мизрахи.
Министерот Димитров обвинувајќи ја Мизрахи дека ја отстранила таблата со уставното име Република Северна Македонија и побара од премиерот Спасовски да ја разреши, доколку и натаму продолжи да го крши уставот, а како што потенцираше во ова има елементи и на кривична одговорност. Рече дека за ова ги информирал меѓународните партнери на земјава.
„Флагрантното кршење на Уставот повлекува политичка и правна одговорност. Доколку веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, г-динот Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во делокруг на други државни органи“, изјави Димитров.
Димитров рече и дека добил вербална нота од Грција во која се наведува дека ова претставува грубо кршење на Договорот од Преспа.
„Договорот од Преспа, кој што претставува стожер на односите помеѓу Грција и Северна Македонија и кој што овозможува влез на Северна Македонија во НАТО Алијансата и нејзината силна кандидатура за отворање на преговорите за пристапување кон Европската унија со полна и активна поддршка од Грција, мора да биде доследно и постојано почитуван. “, се вели во вербалната нота од Грција.
И покрај ваквата реакција сепак во Грција не се сменети таблите на кои што пишува Скопиа. Министерот Димитров вели дека примената на договорот секогаш може да оди побрзо и потемелно и дека министерството реагира во делот на примената и почитувањето на обврските од другата страна. Меѓутоа, според Димитров во овој период сме повторно пред историска шанса да ги почнеме пристапните преговори и затоа треба да се почитува сопствениот устав.
