„Не цела Бугарија го негира македонскиот јазик“ – Ристевски: Национализмот ја носи работата во ќорсокак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Не цела Бугарија е на став дека не постои македонски јазик“ изјави синоќа во дебатниот магазин „Клик Плус“ Миладина Монова, истражувачка од бугарската академија на наука.

Таа вели дека во Бугарија во моментов доминира национализмот и според неа изгледа тоа е само алатка за држење на власта, како и некои ставови кои биле заборавени во последните години. Па се прашува Монова :-Дали е толку тешка ситуацијата економска, што мора да се навлегува во ескалација со соседи и на таков начин, не знам, не ми е јасно“?

„Во Бугарската академија на науки има секакви луѓе и секакви истаржувачи со различни ставови. Не би рекла дека има еден став во бугарската академија на науките. Секој интелектуалец, историчар, социолог, лингвист си го брани неговиот став. Не би рекла дека целата институација има еден став, тоа го прават политичарите“, истакна Миладина Монова.

Љупчо Ристевски, професор на УКИМ и член на мешовитата историска комисија со Бугарија пак рече дека Комисијата од бугарска страна е во политичка иструментализација.

„За жал работата во Комисијата не оди така како што очекував да оди. За тоа и влегов во таа комисија очекував дека еве после овие 30 години на едно постепено опуштање на односите со Бугарија дека можеби ќе имаме можност да направиме исчекори во смисла да она што го споменав. Да се направи подобрување на учебниците во духот на тој договор , да се подобрат добрососедските односи во европскиот дух и манир“, посочи Љупчо Ристевски. 

Ристевски истакна дека никогаш немале настапи во кои  ја нападнале или обвиниле другата страна, а имале и прилики и можности и мотиви да го направат тоа. Но, тој смета тоа нема да придонесе на градење на добрососедски односи, нема да ја подобри ситуацијата, така што според него  Комисијата од другата страна заради целосна политичка инструментализација ја носи работата во ќорсокак.