Истражувачката сторија „Нечиста крв“ беше дел од пратеничките прашања. Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за класично затајување на системот во кој што се вмешани неколку институции и не е можно две години овој скандал да се случувал а никој да не реагирал. Тој праша зошто не се преземени никакви чекори за расчистување на овој случај, за кој, како што рече, најверојатно знаел и поранешниот министер за здравство Венко Филипче .
„Зошто не презедовте поробусни чекори за расветлување на случајот. Зошто не ги оддалечивте овие што ги управуваат оние 5 институции кои се под директна надлежност на вас како премиер и претседател на Владата и зошто не обезбедите до крај јасна истрага која што ќе покаже кој бил виновен за изгубените животи и за профитот кој што таа клиника го имала и на крајот, зошто уште неуспешно се обидувате да го скриете Венко Филипче“, вели Бојан Стојановски.
Владата веќе разговараше за наводите изнесени во истражувачката сторија за случувањата во приватната болница и побара извештаи од Државниот санитарен инспекторат, Агенцијата за лекови Малмед а се формирани и неколку комисии за истражување на случајот, му одговори Ковачевски.
„Формирани се сите потребни и стручни комисии кои што ќе треба да го испитаат случајот во детали. Информирани се сите инспекторати да работат согласно со законските надлежности, министерот за здравство согласно сите податоци кои што ќе ги добие и Министерството за здравство ќе треба да ја информира Владата и доколку врз основа на наодите на комисиите, инспекциските надзори и другите институции вклучени, се дојде до сознанија кои што алудираат на одредени неправилности, тогаш нормално дека тие ќе бидат процесуирани соодветно на законската регулатива во државата“, додава Димитар Ковачевски.
Истражувачката сторија ја крена јавноста на нозе по обелоденувањето на начинот на работата на болницата Жан Митрев со хемофилтрација за време на пандемијата со Ковид 19.
