Ребалансот на буџетот се враќа на пленарна седница во Собранието. Тој е седма точка на седницата која е најавена за утре. Расправата може да трае максимум три дена, а од владејачкото мнозинство веруваат дека ребалансот ќе биде изгласан, бидејќи, како што велат, ги исполнува очекувањата на граѓаните.
„Се обезбедија средства за редовна исплата на плати, за покачување на пензии, како и за капитални инвестиции. Сметам дека ова ќе биде ребаланс којшто, и покрај тоа што ситуацијата во буџетот е прилично катастрофална, ќе даде еден нов тек на економијата којшто ќе се почувствува до крајот на годината.“, вели Бојан Стојаноски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски не очекува поддршка од опозицијата. Тој најави дека власта ќе ги елаборира сите ставки од предлогот и оцени дека колегите од СДСМ досега не воделе аргументирана дискусија. Од мнозинството остануваат на ставот дека со овој ребаланс се пополнуваат и дупки оставени од претходниците.
„Тоа што го наследивме со буџетот, беа обврски коишто се доспеани, а неиспланирани во буџетот, како исплата на плати во неколку претпријатија, понатаму и за нормално функционирање на целиот државен систем“, порача Бојан Стојаноски.
