„Недопирливите“ во Тетово продолжуваат да прават што сакаат, а притоа да не ги почитуваат важечките закони!
Паркираат каде сакаат, како сакаат и остануваат колку сакаат, без да се грижат дали блокирале тротоар, улица или раскрсница.
На 29 јануари градоначалникот на Тетово рече дека и самиот не знае зошто се случува ова и вети дека ќе излезе на терен со новинарите.
-Ова прашање секојдневно го поставувам и до Претпријатието за паркинзи и до полицијата и тие ме демантираат. Да излеземе еднаш неделно и да ги констатираме и заедно со вас да видиме каде е проблемот кај полицијата, претпријатието за паркинзи, но нема упаство од општина Тетово дека на некој му е земен автомобилот а на некој да му се дозволи, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Еден месец по оваа изјава го прашавме Касами зошто не излезе на терен за да направи увид на состојбата, како што вети. Тој се извини и рече дека ќе излезе веднаш штом ќе биде послободен.
-Сега се извинувам, поради динамиката денеска имаме средба со граѓаните, ако завршиме порано можам и денеска да излезам, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Истиот ден, на 28 февруари, не контактираа од кабинетот на Касами, ни рекоа дека за една недела Касами ќе излезе на терен со новинарите, но на 1 март во општината беше лично министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој заедно со Касами ветија акција за „ослободување“ на Тетово од лошото паркирање.
Вчера го прашавме Касами што се случило со полициската акција, но овој пат ја префрли топката кон полицијата, велејќи дека не знае што се случило со таа најавена акција.
-Што се однесува до тоа, јас од оваа средба треба да му се обраќам на првиот човек на СВР Тетово за да видиме до каде е оперативниот план кој што треба да го подготви за да постапи по упатствата дадени од самиот министер, а ни јас немам никакви информации и кога ќе почне спроведувањето, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
И додека полицијата и општината не најдат решение, граѓаните мора да бидат трпеливи. Во сообраќајот ќе преовладуваат недопирливите!
