Неизвесни летови, поскапи билети и аранжмани – од 60 до 80 милијарди загуби во туризмот поради војната на Блискиот Исток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поскапи авиобилети, нередовни и несигурни летови и туристички аранжмани чии цени ќе се формираат во последен момент. Неизвесност владее во туристичката индустрија пред овогодинешната летна сезона како глобално така и кај нас поради конфликтот на Блискиот Исток. Од туристичката индустрија велат будно ја следат состојбата.

„Во однос на откажувања нема, меѓутоа сепак луѓето се скептични во донесувањето на одлука каде и кога би патувале. Сите ја чекаат разврската на целата ситуација. Има психолошко влијание значи целокупно оваа ситуација врз граѓаните кои што сеуште не ги имаат уплатено своите летни туристички аранжмани. Се надеваме дека за десет дена се ќе се среди и ќе се врати во нормала“, рече Аркан Керим од Туристичко-угостителската комора при ССК.

„Кога е нашата земја во прашање очигледно е дека поради проблемот со авиолиниите се повеќе ќе треба да се фокусираме на регионалните гости а се очекува намалување и на Израелските туристи помеѓу 20 до 30 проценти поради неможноста за чартер летови и секако за нивно патување надвор од земјата.2026-тата година во туристичката индустрија ќе биде несигурна.“, вели Љупчо Јаневски од Универзитетот Скопје.

Според Јаневски кризата на Блискиот исток во туристичката индустрија според конзервативните сценарија за тој регион во светот ќе има негативно влијание од 60 до 80 милијарди долари. Но вели, кога се туристичките текови во прашање тие не застануваат туку се пренасочуваат.

„Од самата криза на Блискиот исток најпозитивно влијание ќе имаат медитеранските земји односно Европа, а предизвиците околу нафтената кризаќе влијаат со зголемување на авионските билети меѓу 20 и 40 проценти, нередовни и несигурни распореди за летање секако и невозможноста на самите тур оператори да ги формираат цените долгорочно односно сите ќе бидат оперативни и ќе се менуваат па на тој начин и самите туристи до последните моменти нема да ја знаат цената на самиот аранжман“, изјави Јаневски.

Според Керим, пак неизвесноста е голема, но има надеж дека светот ќе се врати во нормала. Тој се надева дека ова ќе биде една поука, да се обезбедат други канали на снабдување со керозин со дизел за европскиот пазар за да нема проблеми со авиолетовите.

„Сите европски туроператори будно ја следат ситуацијата, алармираат дека ако не се среди ситуацијата за две до три недели ќе нема авионско гориво, па сега се надеваме дека ќе се среди и дека ќе се најде некој начин како да се обезбеди керозин и дизел за европскиот пазар, бидејќи нас ни е битен европскиот пазар во врска со аранжманите и најавените доаѓања на туристи во Македонија“, изјави Керим.

Инаку, поради тензиите на Блискиот исток алармот е дека на прагот на летната сезона, европските земји се соочуваат со сериозен недостаток на керозин. Се предвидува дека сегашните резерви на повеќето држави ќе бидат исцрпени меѓу втората и третата недела од мај. Повеќето земји не би можеле да издржат криза подолга од 30 денови. Инаку, Европа увезува 43% од своите годишни потреби за авионско гориво токму од Персискиот залив.