Неколку часа пред протестот на студентите, Мицкоски се сретна со Меџити и со Касами

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неколку часа пред студентскиот протест, премиерот Мицкоски се сретна со ко-претседателите на ВЛЕН, Изет Меџити и Биљал Касами. Според соопштението на владата, на состанокот се разговарало за барањето на студентите Албанци правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Од извршната власт нагласуваат дека се работи на изнаоѓање решенија во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците.

„Мицкоски, Меџити и Касами се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја модерна и успешна држава. Затоа, институциите активно работат на изнаоѓање решенија кои ќе бидат целосно во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност.“, велат од Владата.

Од владејачката партија ВЛЕН соопштија дека тоа што ДУИ не го реши две децении, тие го решаваат со конкретни чекори, тврдејќи дека правосудниот испит ќе се полага на албански јазик.

„За разлика од претходната власт, која повеќе од две децении го остави ова прашање нерешено и го користеше само за политичка пропаганда, ВЛЕН дејствува со одговорност и институционална сериозност за да ги гарантира правата на Албанците во пракса. ВЛЕН докажува дека прашањата на Албанците не се решаваат со празни изјави ниту со политички импровизации, туку со конкретна институционална работа и со целосни и одржливи решенија.“, изјавуваат од ВЛЕН.

Од ДУИ велат дека протестот за албанскиот јазик е граѓанска кауза, а не партиска. Според нив, албанскиот јазик не е проблем само кај правосудниот испит.

„Гласот на младите се крева за албанскиот јазик кој е забранет од државата, за националното знаме кое е понижено од државата, за албанското претставување кое е осакатено од државата, за европскиот сон кој е блокиран од државата, за националната волја која е потисната од државата, тие протестираат за еднаква и европска иднина! Затоа, вашите решенија – NO PASSARAN! ДОСТА Е! Младите го имаат последниот збор!“, рече Адеми.

И другите албански опозициски партии велат дека непочитувањето на албанскиот јазик претставува кршење на основниот принцип на Охридскиот рамковен договор од 2001 година.