По повеќе од три децении чекање и постојан недостиг на вода за пиење, во селото Синичане, во Општина Боговиње, конечно започнаа работите за подобрување на системот за водоснабдување со вода за пиење.
Жителите на ова подрачје, кои пред шест години беа принудени сами да го изградат водоводот, протестирајќи два месеца по ред на планината, бараат проектот да заврши без одложувања и да се постават водомери за заштита на водата од злоупотреба.
Како што раскажуваат самите жители, овој проект засега еден од најголемите проблеми во селото, бидејќи дури и во периодите кога имало вода, таа не ги исполнувала основните стандарди за пиење.
„Ова беше едно од најважните барања што ги имавме ние како жители на селото Синичане, по битката што ја водевме пред шест години со многу труд и жртви, и со ваша помош како медиум. Меѓутоа, поради недостигот на вода и нејзиниот квалитет, се појавуваше оваа потреба. Ние, како жители, имајќи го предвид трудот што го вложивме за да ја донесеме водата, ја консумиравме истата иако не беше со соодветен квалитет.“
За да се спречат злоупотребите, жителите инсистираат општината да преземе конкретни мерки за контрола на потрошувачката.
„Општината треба да има предвид дека треба да постави и водомери за водата за пиење, бидејќи ние бараме вода за пиење, а не за наводнување. Затоа градоначалникот треба да го има ова предвид и да постави водомери не само кај нас, туку во целата општина. Водомерите се неопходни за да не доаѓа до злоупотреба.“
Од друга страна, градоначалникот на Општина Боговиње, Фети Абази, ветува дека работите се изведуваат според професионални стандарди и се финансираат од општинскиот буџет, со цел да бидат завршени до крајот на оваа година.
„Главно, станува збор за професионално зафаќање на водата. Проектот ќе се реализира со средства од општинскиот буџет и ќе придонесе за подобрување на квалитетот на водата во селото Синичане. Започнавме во овој период, иако сме при крајот на годината, но ќе направиме максимум за да ги завршиме работите во овој период, така што во зимската сезона или во текот на следната година проектот ќе биде завршен.“, вели Фети Абази.
Останува да се види дали оваа инвестиција конечно ќе стави крај на долгогодишните маки на жителите на Синичане со водата за пиење или ветувањата на локалната власт повторно ќе се соочат со административни одложувања.
