Неколку лажни дојави за бомба – евакуација на Железничката станица и неколку трговски центри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За вработените во ТЦ Ист Гејт Мол денеска не беше обичен ден. Само што почнаа со работа, преку звучниците беше соопштено да го напушат објектот поради дојава за бомба. Според безбедносните процедури, трговскиот центар беше евакуиран.

Слична ваква ситуација имаше и на Меѓуградска автобуска станица и Железничката станица. Многу граѓани чекаа отспротива за да патуваат до саканата дестинација.

Освен во Ист Гејт Мол и Автобуската станица, МВР потврди дека закани за експлозивни направи стигнале на емајлите на неколку средни скопски училишта, ТЦ Бисер, полициската станица Беко и зградата Флатерон во Кисела Вода. Веднаш се преземени  потребните мерки за везбедна евакуација на објектите и се извршени антитерористички контроли, велат од МВР. По три часа, откако полицијата утврди дека заканите се лажни, гореспоменатите објекти продолжија со работа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР

Ова не е првпат во средните училишта да стигнат вакви лажни информации. Последниве недели многу лажни дојави за бомби беа испратени на мејловите на повеќе училишта и пред два дена, за прв пат таква дојава доби една јавна институција, како што е НБРМ. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека работат на откривање на лицето кое ги испраќа ваквите пораки со заканувачка содржина, а додаде дека целта на ваквите хибридни напади е да се предизвика вознемиреност кај граѓаните. Пред неколку дена МВР соопшти дека покренало кривична пријава против едно малолетно лице од Скопје во врска со неколку од пријавите за бомби во Скопје.