Нема активни пожари на територија на Велес, Чашка и Градско

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На територија на општините Велес, Чашка и Градско во моментот нема активни пожари, информираше денеска градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. 

Посочи дека во пожарот во селото Крушје и селото Џидимирци (на тромеѓето Скопје – Свети Николе – Велес) изгорена е нискостеблеста дабова шума, стрништа и тревна површина, а во пожарот во селото Дурутовец била зафатена површина од 20 хектари нистостеблеста дабова шума, висока трева и трње. Поради непристапноста на теренот, пожарот се проширувал до селата Чалошево и Дурутовец, но со интервенција на пожарникарите спасени се неколку викендици. Во гасење на пожарот учествувале околу 20 пожарникари со пет возила.

Територијалната противпожарна единица од Велес во периодот од 1 до 12 август имала 29 интервенции од кои седум поголеми. Во моментот, во оваа противпожарна единица има вработено 30 пожарникари, а согласно законот, како што посочи градоначалникот Коцевски, треба да има вкупно 44 пожарникари.

-На мое инсистирање добивме согласност за вработување на 12 нови пожарникари, со што бројот на пожарникари сега е 30 што значи 12 повеќе во споредба со 2017 година. Оние што држат прес-конференции без аргументи и критикуваат нека се сетат што правеле во времето кога биле на власт на државно и централно ниво, рече Коцевски.Додаде дека побарал средства за набавка на современи возила за гаснење на пожари и се надева дека наскоро Велес ќе добие едно такво возило.