Нема да има приемен испит на факултетите – посебен протокол за упис во основните и средните училишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема да има посебен декрет за начинот на кој матурантите ќе бидат селектирани при упис на факултет, туку тоа ќе им биде оставено на самите факултети. Ова го изјави министерот за образование и наука, Арбр Адеми во емисијата “10 Минути“.

Тој додаде дека матурантите не треба да се грижат бидејќи нема да има приемен испит туку само квалификација.

„Со декрет не е прецизирано, но тоа намерно не е направено бидејќи истото прашање ние можеме да го прецизираме во одлуката за одредување квоти на високообразовните институции, факултетите или пак во моментот кога ќе се даде претходно одобрение за упис на институциите за високо образование. Значи во овие два момента можеме да прецизираме, ова не значи да се прави законска одредба“, истакна Арбер Адеми.

Во тек се и уписите во основните и средни училишта. Отворени се конкурси за јуни. Дали се очекува посебна мерка при упис на основците, министерот Адеми рече дека се работи на изработка на протокол кој треба да биде одобрен од Комисијата за заразни болести.

„За упис на учениците во основните училишта, во прво одделение но и за упис во средно, во прва година, имаме план и заедно со Комисијата за заразни болести треба да изработиме посебни протоколи. Таков предлог се подготвува и во МОН и ќе биде испратен на разгледување во Комисијата за заразни болести“, посочи Адеми.

Таков протокол може да не важи при упис во средните училишта, бидејќи во основните училишта се запишуваат ученици кои живеат во близина на одредени зони кои не претставуваат потенцијална опасност за зараза со коронавирус, изјави министерот.

Сомнежот за приемен испит се појави по откажувањето на државната матура, врз чија основа се формираат и бодовите за ранг листите за упис на матурантите.