Владата нема да донесе мерки за замрзнување на цените и на маржите за да го запре растот на инфлацијата, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, оваа мерка која се спроведуваше во минатото не ги дава посакуваните резултати, па затоа ќе се преземат други мерки кои ќе треба да влијаат на стабилизирање и на намалување на инфлацијата.
„Нашата пракса покажа дека ако само ја ограничиме маржата кај одреден дел производи, посебно кога зборуваме кај прехранбените, таа потоа се прелева во следните месеци и на крајот се нивелира. Не сакаме да западнеме во таа замка.“, рече Мицкоски.
Замрзнувањето на цените и на маржите не дава резултат бидејќи подгревач на инфлацијата не се цените на храната, иако дел од неа имаше драстично поскапување, како што е овошјето. Главниот двигател на поскапувањата во јули е базичната инфлација која од 5,1 во јуни порасна на 5,5 отсто или за 0,4 процентни поени, што е повеќе од порастот на годишната инфлација од 0,3 процентни поени и која во јули изнесуваше 4,8 отсто.

Ова значи дека храната и енергенсите не влијаеле на поскапувањата. Главен двигател според Мицкоски, но и според експертите кои што ги пренесе ТВ21 се услугите меѓу кои се транспортните и ресторанските услуги.
„Тоа значи дека зголемените плати во случајот и пензиите кои што номинално се зголемија, прават притисок, врз побарувачка, односно имаме зголемена побарувачка и луѓето можат таа цена за услугата да ја платат. А овие кои што ја нудат таа цена, нормално да ја качуваат цената на услугите, се до на момент додека консументите имаат пари да ја платат. Затоа сме многу внимателни во делот на носење на мерки.“, вели Мицкоски.

Дополнително, Мицкоски посочи и дека инфлацијата ја подгрева големата кредитна активност, каде компаниите и граѓаните лесно доаѓаат до потрошувачки и инвестициски кредити, што значи дека во решавање на проблемот ќе треба да се вклучи и монетарната политика односно и Народната банка. Премиерот најави дека следните мерки ќе бидат сеопфатни и ќе се удри на агрегатната побарувачка што значи забрзана фискална консолидација и намалување на парите кои што се во оптек.
„Еден од правците по кој што треба да се движиме е тој. Но, ве молам, многу студиозно влегуваме работиме, во детаљ ги следиме сите овие работи, не оставаме на популистички, ад хок решенија, туку сакаме трајно решение да биде.“, додаде Мицкоски.
Во изминативе неколку дена, поголемиот дел од економистите посочија дека без сериозни мерки, кои ќе удрат врз базичната инфлација, нема да има запирања на поскапувањата.
