Нема голем простор за мерки за храната, се чека статистика – Мицкоски: Авиобилетите најмногу ќе влијаат на инфлацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повисоките цени на авиобилетите најмногу ќе влијаат на инфлацијата во април – смета премиерот Христијан Мицкоски, кој уверува дека кај храната таа ќе биде пониска од 1 процент на месечно ниво, април во однос на март. Вели ние не можеме да останеме имуни бидејќи инфлацијата и во еврозоната расте. Очекува стабилизација месецов, следниот таа да биде под 4%, а ако се стабилизира состојбата во Заливот годинава да ја завршиме со инфлација од 2 до 3%.

-Ги анализираме бројките од Државниот пазарен инспекторат. Бројките што ги добиваме за цените на храната на месечно ниво април визави март се негде под 1 процент зголемени, по 1 посто. Најмногу се зголемени транспортните услуги и тука се мисли на нискобуџетните авиопревозници, картите и секако тие ќе влијаат во крајната цена на, односно во крајниот износ на инфлацијата за април, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Државниот завод за статистика утре ќе ја објави стапката на инфлација за април и од тоа ќе зависи дали ќе има мерки и за храната. Премиерот признава нема голем простор за маневри во Буџетот.

-Немаме ние простор голем како за маневар како Влада освен на тоа да влијаеме на данокот на додадена вредност, затоа што ако ги замрзнеме цените и маржите тогаш тие се прелеваат во другите месеци и тоа се покажа како лоша мерка, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

И покрај намаленото производство на струја на ЕСМ, Мицкоски уверува дека нема да има корекција во цената до крајот на годината. Тврди дека намаленото ДДВ за горивата и намалените акцизи даваат резултати. Имаме најевтино гориво во регионот и не е проблем што ги опслужуваме и соседите. Но, проблем се компаниите за кои има податоци дека прават реекспорт на гориво. Мицкоски вели податоците се анализираат и ако тоа да се докаже, ќе одговараат. Инаку, цената на нафтата на светските берзи падна под 100 долари за барел по најавите на САД дека војната со Иран завршила.