Нема кој да го собере отпадот во Врапчиште, договорот истекол во јуни 2021

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Жителите на општина Врапчиште со месеци имаат проблем со отпадот, бидејќи никој не доаѓа да го собере. ТВ21 го посети Добри Дол каде жителите се пожалија за нечистотијата во селото. Бараат од Комуналното претпријатие да вработат барем двајца работници кои ќе се грижат за одржување на средината.


-Имаме проблем со отпадот, не се собира како што треба, многу ретко. Има многу нечистотија. Има отпад кој стои од минатата години, или пак уште пред две години. Затоа бараме од Јавното комунално претпријатие во Врапчиште да вработат двајца чистачи за да ги одржуваат тротоарите, зелените површини и улиците во целата општина, бидејќи навистина има потреба од тоа.


-Добри Дол има група млади кои организираат доста активности за селото да биде чисто, но тоа не е само нивен проблем, туку и на општината, на селото, на луѓето, бидејќи најголемиот проблем е некултурата на луѓето, па и на сите останати. Колку што знам јас, има проблем со договорот, но тоа не е проблем на селаните, туку на оние што треба да го решат што поскоро. Ги повикувам луѓето од селото да бидат покултурни и повнимателни со отпадот што го фрлаат, велат жителите на Врапчиште.

Од општина Врапчиште велат дека во јуни 2021 година истекол договорот со операторот кој управувал со отпадот. Потоа распишале јавен повик, но процесот се одолговлекол поради физибилити студијата и локалните избори.


-Со измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки, за повикот, од страна на општината се бараше да се направи физибилити студија. По финализирањето, истата требаше да помине на седница на Советот на општината, но поради пропустите во студијата не беше изгласана и беше побарано да се измени и дополни. По измените, Советот на општината ја усвои со мнозинство гласови. Откако го постигнавме тоа, требаше да се распише тендер, постапка која има свои законски рокови. Со распишувањето на локалните избори во 2021 година, процедурата беше прекината по препорака на Државната комисија за спречување корупција, велат од општина Врапчиште.

Од општината додаваат дека веќе е почната постапка за јавна набавка за собирање и транспорт на отпадот и дека ќе заврши согласно законски предвидените рокови.