Нема компензација за откажани летови поради недостиг на гориво

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската Унија подготви нови нацрт-упатства поврзани со состојбата со снабдувањето со гориво за авионите, носејќи не баш добри вести за патниците.

Според документот на Европската комисија, авиокомпаниите нема да бидат обврзани да исплаќаат дополнителен надомест доколку летовите се откажат поради привремен недостиг на гориво на аеродромите.

Брисел ја смета оваа ситуација за „вонредна околност“, што ја исклучува стандардната исплата од 250 до 600 евра за патниците.

Сепак, граѓаните и понатаму ќе имаат право на целосен поврат на средствата за билетот или на алтернативен лет.

Во документот се нагласува дека во моментов нема општа криза со снабдувањето со гориво на европскиот авијациски пазар, но локални недостатоци може да се појават во одредени случаи.

Европските власти предупредуваат дека евентуална ескалација на меѓународните конфликти би можела да предизвика посериозни проблеми во синџирот на снабдување.

Друга важна точка се однесува на цените на авионските билети, бидејќи на компаниите им е забрането ретроактивно да ги зголемуваат цените на веќе купените билети, иако трошоците за гориво значително пораснале.

Според Европската комисија, цената на авионското гориво речиси се удвоила во споредба со крајот на февруари.

За туристичките аранжмани, организаторите можат да ја зголемат цената до 8%, но само ако клиентите бидат известени најмалку 20 дена пред почетокот на патувањето.

Во меѓувреме, ЕУ потврди дека нема промени во правилата за користење на аеродромските „слотови“ и авиокомпаниите мора да продолжат да ги користат во обем од 80 проценти.