Нема потреба од нови мерки за зауздување на цените – Министерство за економија: храната веќе втор месец бележи пад на цените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема потреба од нови мерки за зауздување на цените на храната- категорични се од Министерството за економија, откако Државниот завод за статистика излезе со податок дека годишната инфлација во јули е 2,3 проценти во однос на јули лани, а 0,1 процент во однос на претходниот месец.

„Во моментов, официјалните показатели не упатуваат на потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, а кај најзначајната категорија – храната – веќе втор месец по ред се бележи намалување на цените, велат од Министерството“, велат од Министерство за економија и труд.

Според ресорот,зголемувањето на трошоците на животот во јули главно произлегува од сезонски движења, пред сè кај транспортот, каде е регистриран раст од 4,4 проценти, како и кај рекреацијата, спортот и културата, кои традиционално, според нив  бележат повисока потрошувачка во летниот период. Од економија се децидни дека се следи состојбата, пазарните инспектори се на терен, и доколку се појават нови неоправдани ценовни шокови или нарушувања на пазарот навремено ќе реагираат.

И за министерката за финансии Димитриеска-Кочоска, уште еден охрабрувачки сигнал за позитивните движења во економијата е тоа што инфлацијата го продолжила трендот на намалување и во јули изнесува 2,3 проценти.

„Ова е уште еден охрабрувачки сигнал за движењата во економијата. Покрај намалувањето на инфлацијата, раст бележат извозот, индустриското производство и вработеноста, што укажува дека економските политики даваат резултати. Тоа се потврдува и со растот на даночните приходи во Буџетот заклучно со 31 јули 2026 година“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Вчера пак премиерот потенцираше дека куповната моќ во Македонија е поголема од многу европски земји и од сите земји во регионот. Претходно и гувернерот Трајко Славески преку социјалните мрежи порача дека вредноста на бруто минималната плата во Македонија, мерена во куповна моќ во јули 2026-та, е поголема од седум земји членки на Европската унија и од сите земји од Западен Балкан и Турција.