Нема решение за МК-БГ спорот – бугарската Влада нема да дојде на 22-ри во Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот на Бугарија Кирил Петков подготвува национално предавство, обвинува почесниот претседател на ВМРО, Красимир Каракачанов.

„Имате одлука на бугарската влада од 2019 година, одлука на парламентот од 2019 година, одлука на Советот за национална безбедност под претседателот од 2020 година, имаше и одлука на Советот во јануари оваа година. Бугарскиот став е јасен: компромиси за темата Македонија не се прават додека не се промени политиката на Скопје кон Бугарија“, истакна Красимир Каракачанов.

Тој нагласи дека за целото бугарско општество веќе е јасно дека „Кирил Петков не само што не разбира за што се работи, туку има преземено обврски“.

Но, на 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија од причина што агендите не го дозволуваат тоа. Во моментов, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи, но нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Решение со Бугарија, според Ковачевски, е можно единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните.

Северна Македонија очекува Бугарија да го деблокира патот на земјата кон Европската Унија, за конечно да почнат преговорите на Скопје со ЕУ, вели вицепремиерот на С. Македонија, Бојан Маричиќ за „Танјуг“.

„Од формирањето на новата влада во јануари, работиме на што поскоро отпочнување на преговорите со ЕУ. „Имаме интензивен дијалог со Бугарија, имаме план за реформи што го спроведуваме и иако не сме врзани за датуми, очекуваме тоа да се случи што е можно поскоро и да го искористиме лидерството на Емануел Макрон и Франција за време на нивното претседателствување и да започнеме преговори“, вели Бојан Маричиќ.

Средба меѓу владите во Македонија и Бугарија може да има на 24-ти мај во Рим за време на чествувањето на Св. Кирил и Методиј. Оваа година делегација од Владата, а  не претседателот на државата ќе патува во Ватикан.

„Претседателот нема да патува во Рим. Согласно ротациите на државниот врв, која е повеќегодишна пракса, оваа година државната делегација во Ватикан за чествување на сесловенските просветители, светите браќа Св. Кирил и Методиј, ја предводи премиерот Димитар Ковачевски“, посочија за ТВ21 од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

На 24 македонската делегација во Рим ќе биде составена од министри, а во неа ќе биде и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.