Нема средба помеѓу Алијанса/Алтернатива и Заев, средбата се одложува за следната недела поради здравствени причини

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Неделава сепак нема да има средба меѓу власта и албанската опозиција околу Законот за државјанство, чие решавање ќе ја деблокира работата на Собранието од илјадниците амандмани што ги поднесе коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива. Иако самиот премиер Зоран Заев најави дека ќе се одржи до крајот на неделава, сепак, за ТВ21 објаснува дека состанокот се одлага поради здравствени причини, но без да открие чии, додавајќи дека најавената средба ќе се организира од понеделник. Изразува оптимизам во однос на изнаоѓање решение.

„Има здравствени причини на луѓе кои треба да се присутни на тој состанок. И затоа наместо утре или петок, ќе биде почетокот на следната седмица. Веројатно понеделник. Имаме веќе наши предлози и мислиме, барем од наша страна дека ќе се најде решение во правец на целта која сакаат да ја постигнат АА-ААА за добивање на државјанство на граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Пред ТВ21 да го добие овој одговор од премиерот, пратеникот од албанската опозиција АА-ААА, пред новинарите рече дека очекува средбата да се одржи неделава, иако не е закажан точен термин.

„Всушност во очекување сме на средбата која ќе се одржи неделава со цел да ги видиме новите ставови, нивните нови аргументи, а ние и тој ден, како и секој ден кога би се одржала средбата сме подготвени со аргументи за сите наши ставови во однос на предлог-законот за измена, односно подготвени сме за дебата и да ги сослушаме аргументите“, рече Елми Азири од Алијанса/Алтернатива.

Имајќи предвид дека сѐ уште нема решение околу законот, Азири вели дека албанската опозиција ќе продолжи да го блокира Собранието со амандмани. Но, пратеникот од редовите на ДУИ, Арбр Адеми, вели дека албанската опозиција не го блокира секој закон како што вети. Адеми со став дека коалицијата не блокира закони кога се во прашање тесните партиски интереси.

Адеми истакна дека само 2.674 граѓани се пријавиле за добивање државјанство, додека опозицискиот пратеник Азири не спомнува бројка, велејќи дека до нив пристап има власта.

На прашањето на ТВ21 – дали се подготвени со податоци за следната средба на релација власт-опозиција, како што беше последниот пат, од МВР со одговор дека „располагаат со сите податоци во однос на постапките за државјанства и овие податоци ќе бидат во функција на успешно решавање на ова прашање“.