Уставните измени остануваат услов за коалицијата ВРЕДИ да формира влада со која било македонска партија, особено со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи оваа партија се уште не го прифаќа тоа. Биљал Касами од коалицијата ВРЕДИ вели дека единствен начин да се убеди ВМРО на уставни измени е тие да се приклучат во владиниот состав. Инаку, вели дека нема начин како да се изврши притисок врз опозицијата. Без уставни измени, Касами вели дека нема формирање влада.
-Единствена комбинација за уставни измени е македонската и албанската опозиција да бидат во идната влада. Зошто? Затоа што и покрај отпорот на македонската опозиција да се направат уставни измени, единствениот механизам да се натера некој на уставни измени и реформи е да се биде дел од власта. Затоа што институционално се врши притисок врз власта. Каков притисок можете да извршите врз една опозициска партија? Во оваа комбинација, и да даде отпор ВМРО, нашиот услов, предуслов, викајте го како сакате, ќе биде да се случат уставните измени. Нема Влада без уставни измени. Многу јасно-рече Касами.
А, ако станува збор за формирање Влада меѓу албанската и македонската опозиција, односно ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ, Касами вели дека Албанците ќе бидат застапени во извршната власт со најмалку 30 отсто од министерствата, вклучително и една од трите клучни позиции во државата, премиер, претседател на собранието или претседател на државата. Според Касами, Владата треба да ја формираат двете партии кои ќе победат на изборите, едната од македонскиот, а другата од албанскиот табор.
-Ако зборуваме за албански ентитети, кои се повикуваат во име на Албанците, застапуваат Албанци и добиваат еден глас, не еден пратеник повеќе, еден глас повеќе во овој случај од коалицијата ВРЕДИ, мислам дека тоа не е теоретски туку практично невозможно, македонската партија да избере друга партија, да избере други министри и функционери, надвор од гласовите и мандатите на граѓаните, без изразена криза и без да ја загрози иднината на државата-кажа Касами.
Што се однесува до застапеноста на Албанците, Касами вели дека доколку ВРЕДИ освои 20 пратеници, тогаш Албанците воопшто не треба да се грижат за уставните измени и нивните права. За Европскиот фронт смета дека нема да освојат повеќе од 10 пратеници.
