Поради тоа што немаат вода, жителите на селото Палчиште, општина Боговиње во знак на револт го блокираа патот. Велат дека постигнале договор со градоначалникот за неколку барања, но тие, како што уверуваат, сѐ уште не се реализирани. Револтирани велат дека ќе го радикализираат протестот и дека немаат намера да отстапат.
„Ние имаме потреба од вода. Немаме вода, а имаше бројни ветувања. Ветувања имаме секоја година. Ни се смачи. Имаме документ од градоначалникот на општината. На 15 јули требаше да протестираме, но протестот се одложи за 10 дена. Рокот истече, градоначалникот на општината не дојде да разговара со месната заедница. Значи уште спие“.
„Би било добро да се организираме и да добиеме вода. Општината нека си остане таму. Ние со нашите можности ќе обезбедиме вода, а општината нека си остане со нејзините ветувања“.
-Самиот факт што во 2022 година излеговме да протестираме за вода е срамота. Во овие 30 години транзиција, ова е единственото село кое се занемарува од различни причини. Единственото село кое нема вода за пиење.
Но, градоначалникот на Боговиње, Бесник Емшиу вели дека протестот е политички и дека барањата на локалното население се во процес на реализација.
„Бев во посета на населеното место Палчиште, не еднаш, туку 4-5 пати. Таму во моментов има доволно количество вода, слободно можам да кажам како за 2-3 села како Палчиште. Има злоупотреба на водата, поради немање водомери на терен. Ситуацијата и порано беше ваква, таква е и сега. Откако ќе го направиме проектот за водата за пиење, ќе поставиме и водомери со цел да нема злоупотреба на вода“, вели Бесник Емшиу.
Жителите најавија дека следниот протест ќе го организираат пред општината Боговиње и дека нема да сносат одговорност доколку дојде до ескалација.
