Немиот глас на Скопје – тажната приказна за чичко Драги и повик за помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако некогаш сте прошетале по познатата улица „Македонија“ во Скопје уште од раните утрински часови сигурно сте го виделе чичко Драги. Тивкиот човек кој продава шноли за коса за да сврзе крај со крај.

Тој е познат за минувачите, но со болна историја зад себе.

Во 2018 година, чичко Драги беше опериран од рак на грлото, поради што не може да зборува.

Но, неговиот глас сега е Тони, претставник на хуманитарната организација „Љубезност“, која од време на време му помага со пакети со храна.

Како што вели тој, Драги не само што се обидува да преживее со минимални приходи – социјална помош и 200 до 700 денари дневно од улична продажба – туку и се грижи за кучињата скитници што го посетуваат овој дел од градот, како и за оние што ги има дома. Што и да заработи, дели со нив.

Неговата здравствена состојба е сериозна, но уште поалармантна е состојбата на куќата каде што живее – во мизерни услови, со протекување на покривот, влага и распаѓање на ѕидовите.

На хартија, тој го изрази својот страв за својот живот, бидејќи неговиот дом не му нуди безбедност, особено кога има ветер или дожд.

На неговиот дом му е потребна итна реконструкција. Без безбедно засолниште, тој го ризикува не само своето здравје, туку и својот живот.

Ова е повик за помош за сите оние кои можат да придонесат со градежни материјали, финансиска поддршка или волонтерска работа. Секој што сака да му помогне на чичко Драги може да го стори тоа со посета на улицата Македонија во центарот на градот или со контактирање преку телефонскиот број на неговиот пријател.