Изборите на 12-ти април, се официјално одложени поради ситуацијата со коронавирусот. Засега не е прецизиран датум за одржување на изборите и тоа е оставено како отворено прашање.
Државата во моментов се соочува како и поголемиот дел од светот со справување со кризата предизвикана од Ковид -19.
Не се знае до кога ќе трае актуелната состојба, но веројатно е дека до средина на мај државата се уште ќе се бори со пандемијата.
Неофицијално, ТВ21 од блиски партиски извори дознава дека на последниот разговор меѓу лидерите на поголемите 2-3 политички партии, како можен најприфатлив датум за одржување на избори е споменат датумот 11-ти октомври 2020 година.
Во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, лидерот на Алијанса за Албанците, спомена дека прифатливо време за избори е крајот на јули или почеток на август, додека лидерот на ДУИ коментираше дека не познава земја која во јули организирала избори и напомена дека најпрво е битно да се помине кризата со коронавирусот.
Од друга страна, претседателот на СДСМ, во вечерашната емисија „360 степени“, рече дека може да биде јуни, но се е отворено до декември, односно редовниот термин за одржување на редовни парламентарни избори.
